Проданоски: Нови седишта за публиката и подобри услови за навивачите на „Победа“
На малата трибина на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп се поставени нови столчиња со поддршка од Фудбалската федерација на Македонија, информира градоначалникот Дејан Проданоски.
Со овој зафат се подобруваат условите за публиката, љубителите на фудбалот и навивачите на ГФК „Победа“.
Проданоски упати благодарност до претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, и потпретседателот Марјан Стојкоски за поддршката и соработката во унапредувањето на спортската инфраструктура во Прилеп.
„Ваквата соработка очекувам да продолжи и во иднина, со цел комплетирање на целиот стадион и лик каков што заслужува нашиот фудбалски храм“, порача градоначалникот.
Тој посочи дека паралелно со подобрувањето на условите на стадионот, се работи и на изградба на детски игралишта и уредување простори за спорт и забава, особено за најмладите.
„Инвестираме во спортска инфраструктура, ги поддржуваме спортските клубови и создаваме подобри услови за новите генерации“, истакна Проданоски.
