Црно му се пишува на Рама – по ударот од своите, лош сигнал и од Вашингтон
Тексашкиот конгресмен Кит Селф републиканец близок на претседателот Трамп и член на Конгресот на САД, преку социјалната мрежа X ја коментираше ситуацијата во Албанија и ги поддржа протестите против премиерот Еди Рама.
„Протестите во Албанија се кулминација на народната недоверба во корумпираните политичари и заморот од целосното игнорирање на владеењето на правото. Албанските лидери треба да ги слушнат повиците за суштински промени што ќе донесат економски можности и ќе ја поттикнат регионалната стабилност“, напиша Селф во објава од 17 октомври.
Со оваа изјава американскиот конгресмен се приклучува на критиките кон владата во Тирана, која со месеци се соочува со континуирани протести. Демонстрантите бараат поголема одговорност, борба против корупцијата и почитување на владеењето на правото.
Објавата на Селф, кој е член на Републиканската партија, брзо привлече внимание и реакции од албанската дијаспора и опозициски гласови, кои ја поздравија неговата поддршка.
Вчера Рама доби критика и од својата сопартијка Спиропали која се смета за негова можна наследничка.
