Тоа октомвриско утро, низ треперливите гласови на спикерите, одекна веста што го потресе Балканот – загина Тоше Проески
Утрото на 16 октомври 2007 година, Балканот го потресе веста за смртта на дваесет и шестгодишниот Тодор Проески. Радиостаниците ги прекинаа програмите, а спикерите со треперлив глас, во шок и неверување, ја соопштуваа веста — загина Тоше. Од раните утрински часови, граѓаните излегуваа на улиците, сè уште надевајќи се дека веста не е вистинита. На плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и на плоштадите во другите градови, луѓето оставаа цвеќиња, палеа свеќи и пишуваа пораки во негова чест.
Неговите песни се слушаа насекаде, а Македонија се збогуваше со пејачот чиј глас со години беше дел од секојдневието на луѓето.
Момчето од Крушево кое стана балканска ѕвезда
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп. Музиката ја сакаше уште како мал, а на само 11 години, во 1992 година настапи на детскиот фестивал „Златно славејче“.
Пет години подоцна победи на „Мелфест“ во Прилеп, каде што ја извел песната „Yesterday“. Тоа беше еден од важните почетоци на неговата музичка кариера.
Со текот на годините, Тоше стана еден од најпознатите пејачи во регионот. Песните „Пушти ме“, „Остани до крај“, „Усни на усни“ и „Сонце во твоите руси коси“ и денес се слушаат, а неговите албуми оставија имаат посебно место на македонската музичка сцена.
Успехот го следеше и надвор од Македонија. Со песната „Чија си“ победи на „Беовизија“, а со „Veži me za sebe“ освои Гран-при на Хрватскиот радиски фестивал. Неговите концерти во Белград и другите градови во регионот привлекуваа илјадници обожаватели.
Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул со песната „Life“. Во текот на кариерата работеше и на усовршување на своите вокални способности, меѓу другото и во Њујорк, со маестро Вилијам Рајли.
