Мицкоски: Нема место за страв од недостиг на горива во земјава, се разгледува и рестартирање на „Окта“

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Во Македонија не се очекува недостиг на дизел-гориво и нафтени деривати до крајот на оваа година, а според проценките, снабдувањето ќе се одвива без проблеми и во текот на следната година. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски повикувајќи се на информациите од средбите и приватните разговори со најголемите трговци со нафта во земјава.

Стравувањата доаѓаат по предупредувањата на Меѓународната агенција за енергетика за можен недостиг на дизел-гориво во светски рамки.

Мицкоски вели дека никој во светот не може да издржи повеќе од три месеци без дотур на нови количини, па и Македонија. Додаде дека разговарале со раководството на „Окта“ за можноста за нејзино рестартирање и производство на дизел-гориво од сурова нафта, особено поради тоа што рафинеријата сега преку продуктоводот е поврзана со солунското пристаниште.

„Дадовме задача да се преразгледа можноста да се рестартира производниот процес на рафинеријата ’Окта’ имајќи предвид дека сега продуктоводот е во функција, односно рафинеријата е физички поврзана со Солунското пристаниште, така што во иднина може да се носи сурова нафта и во рафинеријата да се преработува и да се користи за дизел-гориво“, рече Мицкоски на прес-конференција во Владата во одговор на новинарско прашање по потпишувањето на договорот за нова инвестиција компанијата „Кромберг и Шуберт“.

Тој додаде дека рафинеријата не е пуштена во погон од 2012 година и оти во моментов се прави дефектажа. Очекува дека за брзо време ќе добие информации од раководството на „Окта“ дали и за колку време рафинеријата евентуално би можела да биде ставена во функција.

Мицкоски додаде и дека државата останува на политиката на најниски цени за горивата со цел заштита на стандардот на граѓаните. ​Потенцира дека во светот ова претставува епски предизвик, нешто за што, како што рече, зборува неколку месеци.

„Ние како држава остануваме на политиката на најниски цени за горивата, тука пред сè мислам на дизел-горивото и на безоловниот 95 и 98-октански. Сега веќе сме речиси од сите соседи поевтини за половина евро за литар. Тоа носи свои предизвици, носи свои стравувања, се разбира, но исто така цениме дека стандардот на граѓаните за нас е императив и наша цел е да го заштитиме онолку колку што можеме. Тоа го правиме и така ќе продолжиме да се однесуваме“, рече тој.