Од наредната недела почнува вакцинацијата против сезонски грип, предност имаат ризичните групи

Дали Знаете, Македонија

Почнува пријавувањето во системот „Мој термин“ за вакцинација против сезонски грип, а имунизацијата се очекува да стартува без одложување од наредната недела. Здравствените власти најавуваат дека прво ќе бидат опфатени најризичните категории, додека паралелно се работи на обезбедување дополнителни количини вакцини.

Првите 30 илјади вакцини против сезонски грип веќе пристигнале во земјава, а до 15 ноември се очекуваат уште 26 илјади дози, објави 4news.mk Според најавите, вакцинацијата треба да почне веднаш штом започне организацијата на терен, при што приоритет ќе имаат граѓаните од ризичните групи.

Од здравствените власти велат дека целта е да се обезбедат вкупно 80 илјади дози.

„Ние работиме до осумдесет илјади дози да постигнеме. Значи ни беше важно да стигнат првите, а, а триесет илјади за да можеме да почнеме веднаш со најризичните, ааа, групи. Ааа, на петнаесети ноември ќе ги имаме следните дваесет и шест, а во меѓувреме работиме да ги обезбедиме и остатокот од осумдесет илјади“, велат надлежните.

Пријавувањето ќе се врши преку системот „Мој термин“, но заштитата, како што беше посочено, нема да биде достапна по ист редослед за сите. Предност ќе имаат лицата со најголем ризик, а распределбата ќе се прави преку центрите за јавно здравје. Надлежните велат дека „ќе дадат предност на ризичните групи“, односно приоритетот ќе се утврдува „во основа по дијагнози“.

Покрај информациите за сезонскиот грип, соопштено е и дека се очекува наскоро во земјава да пристигне и БСЖ вакцината. „Денови се во прашање кога ќе пристигне БСЖ вакцината во земјава“, беше наведено, откако е постигната согласност со УНИЦЕФ за обезбедување едногодишни количества од јапонски производител.

Здравствените власти привремено ја стопирале БСЖ вакцината откако истото го направила и Хрватска. Причината, според прилогот, се четири регистрирани случаи на остеомиелити кај деца, кои се поврзуваат со вакцината од истиот производител што се користи и во земјава. Повеќе детали за тоа кога точно ќе почне примената на новите количества БСЖ вакцина не беа соопштени.