Варел ракија во дворот, па му дошла полиција – може ли да ве казнат и зошто?

Дали Знаете, Македонија

Од МВР за „Слободен печат“ објаснуваат дека подготовката на зимница во сопствен двор сама по себе не е прекршок, но начинот на користење на огнот може да доведе до санкции.

Откако печењето пиперки за ајвар и правењето зимница отвори низа прашања за чадот, соседските пријави и можните казни, на дневен ред дојде и варењето ракија во домашни услови. Во август годинава полицијата добила пријава за појава на густ чад и непријатен мирис во Волково. Полициски службеници излегле на терен и утврдиле дека соседот на подносителот на пријавата во својот двор печел ракија.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека при извршената проверка било констатирано оти огнот се користел во приватен имот, на безбедно место, и дека не била предизвикана опасност за околината. Случајот повторно го отвора прашањето дали граѓаните можат да бидат казнети ако во сопствениот двор палат оган за подготовка на зимница, печење пиперки или варење ракија.

Од МВР посочуваат дека самото подготвување зимница и варење ракија за сопствени потреби во двор не претставува автоматски прекршок. Сепак, при користење отворен оган мора да се почитуваат прописите за заштита од пожари.

Согласно Законот за заштита и спасување, физичките лица се должни уредите, средствата и отворениот оган да ги користат на начин со кој нема да ја загрозат околината и нема да предизвикаат пожар или експлозија. Тоа значи дека иако во приватен двор се пали оган, тоа не значи дека е без ограничувања. Доколку начинот на неговото користење создава опасност или е спротивен на законските обврски, може да следува соодветна санкција.

Чадот и мирисот се причина за пријави

Од МВР информираат дека во сезоната на подготовка на зимница се регистрираат пријави од граѓани поради чад, непријатен мирис и употреба на оган на отворен простор.

Секоја пријава се проверува поединечно. Полициските службеници излегуваат на лице место, ја утврдуваат фактичката состојба и проверуваат дали постои опасност за луѓето, имотот или околината.
Оттука, секоја пријава не значи дека е сторен прекршок, ниту, пак, секое палење оган во двор автоматски повлекува казна. Клучно е како се користи огнот и дали со тоа се создава опасност. Прекршоците секако се санкционираат.