25-годишна аргентинска научничка развива гел кој би можел да му помогне на срцето да се обнови по инфаркт
Пилар Ферер има 25 години и работи на едно од поинтересните истражувања во областа на регенеративната медицина – развој на инјекциски хидрогел кој би можел да помогне во обновувањето на оштетеното срцево ткиво по инфаркт.
По инфаркт, дел од клетките на срцевиот мускул умираат, а на нивно место останува лузна. За разлика од некои други органи, срцето има многу ограничена способност да го обнови оштетеното мускулно ткиво. Со текот на времето, последиците можат да доведат до срцева слабост, нарушувања на ритамот и, во најтешките случаи, потреба од трансплантација.
Ферер, која е биолог и дипломирала на Универзитетот Фавалоро во Аргентина, заедно со својот тим развива хидрогел кој се нанесува директно на оштетеното подрачје на срцето. Идејата е материјалот да создаде своевидна „скела“ која ќе им помогне на преостанатите здрави клетки да се обновуваат и да го ограничат создавањето на лузна.
Интересно е што истражувачите тргнале од амнионската мембрана, дел од плацентата која веќе се користи во медицината поради своите регенеративни својства. Во развојот не се користат матични клетки, туку компонентите на ткивото кои можат да создадат средина погодна за регенерација.
Истражувањето досега дава охрабрувачки резултати во лабораториски и претклинички испитувања, вклучително и испитувања на животни. Но, важно е да се нагласи дека ова сè уште не е терапија достапна за пациенти. Тимот допрва треба да ги помине регулаторните процедури и клиничките испитувања кај луѓе. Според Ферер, целта е во следните години истражувањето да стигне до клиничка фаза.
Истражувањето започнало како дел од нејзината докторска работа, а подоцна прераснало во биотехнолошка компанија, Amnova Biotech, со која тимот се обидува лабораториското откритие да го претвори во реална медицинска терапија.
Науката сè уште не може да каже дека овој гел ќе го „поправа“ срцето кај луѓето. Но, идејата зад истражувањето е значајна: наместо само да се справува со последиците од оштетувањето, тимот се обидува да му создаде услови на срцевото ткиво повторно да се обновува.
