Мицкоски со убави вести за пензионерите – стави крај на сите манипулации

Дали Знаете, ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека пензискиот систем е стабилен и дека пензионерите немаат причина за загриженост.

„Ние во моментот имаме стабилен пензиски систем и во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Не треба апсолутно никој да се грижи“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека директорот на Пензискиот фонд може да има сопствен став, но дека Владата не мора секогаш да се согласува со ставовите на сите функционери во институциите.

„Владата и јас лично цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна и не треба да се грижат пензионерите“, рече Мицкоски.

Премиерот повтори дека Владата ги зголемила пензиите и најави дека доколку во иднина има промени во политиките, јавноста ќе биде навремено информирана.

Мицкоски зборуваше и за реформите во други сектори, посочувајќи дека преку проверки се откриваат таканаречени фантомски корисници и лица кои примаат социјална помош иако не ги исполнуваат условите.

Според него, заштедите од ваквите проверки на годишно ниво може да достигнат меѓу една и една и пол милијарда денари.

Како пример за подобрување на работењето на институциите, Мицкоски го посочи и АД ЕСМ, за кое рече дека од минус од 180 милиони евра, во првите три квартали годинава остварило плус од 6,5 милиони евра.

„Тоа се реформите што треба да ги правиме“, рече Мицкоски, додавајќи дека препораките на меѓународните партнери ќе бидат анализирани, но дека во моментов состојбата во пензискиот систем е исклучително стабилна.