Голема акција за финансиски криминал, сомнежи за проневера на 80 милиони денари
Од Управата за финансиска полиција информираат дека акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на кривични дела од областа на финансискиот криминал.
Според досегашните сознанија, постојат основи на сомнение дека службени лица сториле кривични дела со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери, при што биле проневерени буџетски средства во износ од речиси 80 милиони денари.
Во рамки на акцијата, а по насоки на надлежниот јавен обвинител, овластени службени лица од Управата за финансиска полиција лишиле од слобода две лица.
Претресите и останатите активности на терен се во тек. Од Финансиската полиција најавуваат дека дополнителни информации за досегашните наоди и резултатите од акцијата ќе бидат соопштени по завршувањето на теренските активности.
Случајот е во предистражна фаза, а за понатамошниот тек на постапката ќе одлучува надлежното јавно обвинителство.
