ВЛЕН до Ахмети: Судот не е казино, а пресудите не се пишуваат во партиско седиште
Партијата која, како што велат од ВЛЕН, го проширила коцкањето низ секое маало, сега се обидува да се коцка и со правдата.
Од ВЛЕН реагираат на изјавите на Али Ахмети во врска со судскиот процес против Артан Груби. Според нив, Ахмети веќе го знае исходот од постапката иако судењето сè уште трае, а доказите допрва треба да бидат изведени.
„Али Ахмети, се чини, веќе го пополнил тикетот. Артан Груби, според него, е невин и ќе биде ослободен. Судењето продолжува, доказите сè уште не се изнесени на маса, но Али веќе го погодил резултатот“, велат од ВЛЕН.
Од партијата посочуваат дека Ахмети претходно говорел оти Груби треба да одговара доколку ја злоупотребил довербата, но дека неговиот став сега е променет.
„До вчера велеше дека Груби треба да одговара доколку ја злоупотребил довербата. Сега веќе нема „доколку“. Ахмети ја смени плочата. Од најава за одговорност премина кон целосно ослободување“, стои во реакцијата.
ВЛЕН прашува што се променило во меѓувреме и зошто, како што наведуваат, Ахмети го менува ставот во моменти кога правниот притисок врз Груби се зголемува.
„Дали Ахмети го брани Груби или се обидува да ја заштити сопствената кожа?“, прашуваат од ВЛЕН.
Во реакцијата се посочува и на одлуката на САД со која Груби беше ставен на црната листа, а од ВЛЕН тоа го поврзуваат со неговото наводно влијание врз судските процеси.
„Судот не е политичко казино на ДУИ, а пресудите не се пишуваат во партиското седиште“, порачаа од ВЛЕН.
