Николоски: Македонија домаќин на светската градежна научна елита
Македонија е домаќин на Eurock 2026, престижен меѓународен собир на градежната научна јавност, на кој учествуваат неколку стотици професори и експерти од целиот свет.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека одржувањето на ваков настан во Македонија претставува значајно признание за земјата и за нејзината инженерска и научна јавност.
Според Николоски, научната и инженерската експертиза имаат важна улога во реализацијата на големите инфраструктурни проекти, особено во период кога државата реализира значаен инвестициски циклус во патната и железничката инфраструктура.
„Престиж е тоа што Македонија е домаќин на Eurock 2026, еден од најголемите собири во делот на градежништвото, каде неколку стотици професори од целиот свет дискутираат за инженерски предизвици во градежништвото“, порача Николоски.
Тој посочи дека стратешката географска положба на Македонија, преку која се вкрстуваат транспортните коридори 8 и 10, ја позиционира земјата како значаен транзитен правец на Балканот и дел од европската транспортна мрежа.
Во тој контекст, Владата реализира повеќегодишни инвестиции во изградба, реконструкција и модернизација на патната и железничката инфраструктура, со вкупна вредност од неколку милијарди евра.
Николоски нагласи дека токму инженерската експертиза, научните знаења и примената на современите технологии се од особено значење за успешна реализација на овие инфраструктурни проекти.
„Ја градиме Македонија!“, порача Николоски.
