Европски спектакл во „Јане Сандански“ – Вардар го пречекува Нант во ЛШ!
Вардар вечерва од 18:45 часот го игра првиот домашен натпревар во новата сезона од Лигата на шампионите. Во Скопје пристигнува Нант, а „црвено-црните“ ќе имаат можност пред своите навивачи да стигнат до првиот европски триумф.
Составот на Иван Чупиќ сезоната во елитното натпреварување ја започна со гостување кај Мелсунген. Иако од Мелсунген се врати без бодови, Вардар остави позитивен впечаток со начинот на кој му се спротивстави на фаворизираниот противник. „Црвено-црните“ одиграа борбено и покажаа дека немаат намера однапред да се откажат од амбициите во европската конкуренција.
Сега следува сосема поинаков предизвик – натпревар пред домашната публика. По подолга пауза, во „Јане Сандански“ повторно ќе се игра натпревар од Лигата на шампионите, а атмосферата од трибините се очекува да биде еден од најголемите адути на македонскиот претставник.
Од Вардар се надеваат дека поддршката од навивачите ќе биде дополнителен мотив во дуелот со Нант. Големи очекувања има и од Малус, кој пред мечот истакна дека настапите во Лигата на шампионите и играњето пред публиката на Вардар за него претставуваат посебна мотивација.
„Секој натпревар за мене е голема мотивација. Имав можност да играм во „Јане Сандански“ во периодот кога Вардар беше во своите најдобри години, а сега можноста да настапувам тука во неговиот дрес е уште поголем мотив. Европските натпревари и Лигата на шампионите се посебен предизвик“, порача Малус.
Чупиќ за вечерашниот дуел нема да може да смета на Милан Лазаревски и Милан Бомаштар, кои се повредени. Под знак прашалник е и настапот на Жоао Педро.
За навивачите е подготвена и фан-зона пред салата, која ќе започне два часа пред првиот судиски свиреж. Очекувањата се „Јане Сандански“ да биде исполнет и повторно да понуди препознатлива европска атмосфера.
Нант ја има фаворитската улога според проценките на обложувалниците, но Вардар во ваквите натпревари одамна покажа дека не се предава однапред. „Црвено-црните“ вечерва ќе ја бараат првата победа во новата европска сезона, со надеж дека големата поддршка од трибините ќе биде важен дел од патот до неа.
