„Нема ли некој да го убие Жерновски, и тоа пред фамилијата“: членот на Извршниот одбор на СДСМ објави директна закана кон него и праша каде се институциите

Македонија, Политика

Андреј Жерновски преку фејсбук-објава реагираше на вчерашната изјава за заканите со насилство, прашувајќи каде биле институциите во периодите кога, како што вели, тој и неговите колеги секојдневно биле изложени на навреди, закани и повици за насилство.

„Секоја закана со насилство е сериозна работа. Кој и да ја упати, мора да одговара. Токму затоа, твојата вчерашна изјава отвора едно многу поедноставно прашање: А каде беше ти досега?!?“, напиша Жерновски.

Тој наведува дека со години се соочуваат со, како што вели, пцости, навреди, закани и повици за насилство, додавајќи дека станува збор за илјадници коментари упатени кон претседателот на СДСМ, него и нивните колеги.

Како пример ја посочи пораката: „Нема ли некој да го убие Жерновски, и тоа пред фамилијата“, за која вели дека не претставува критика, политичка дебата или различно мислење, туку повик на насилство.

Жерновски прашува каде биле институциите во тие случаи и зошто не реагирале со иста загриженост за демократијата, политичката култура и безбедноста на луѓето кои имаат различни политички ставови.

„Да, секако дека мора да реагираат. Но за сите!!! Не само кога жртвата е од власта. Не само кога ти си во прашање!“, порача тој.

Според Жерновски, не може некој денес да бара заштита од институциите, а претходно да молчи кога слични закани биле упатувани кон политички неистомисленици.

„Или институциите важат за сите, или не се институции, туку алатка на власта“, наведува Жерновски, кој на крајот повика да биде отворена истрага и за неговиот случај, како и за, како што вели, сите слични случаи.