35 врвови за 35 години независност: Хероините Благица и Ема за четири дена ја изодеа Шара (ФОТО)

Lifestyle, Дали Знаете, Македонија

По повод 35 години од независноста на Македонија, планинарките Благица Владимировска и Ема Лазареска реализираа исклучителен подвиг – за само четири дена искачија 35 врвови на Шар Планина.

„Македонија има херојки чии подвизи заслужуваат да бидат видени, слушнати и запомнети. Двете високогорки од планинарското друштво „I Love Hiking (Сакам пешачење)“ минаа 110 километри, совладаа вкупна висинска разлика од 8.400 метри и искачија 35 врвови без логистичка поддршка, носејќи по 20 килограми товар на грбот. Целиот предизвик го реализираа без каква било логистичка поддршка. Сета потребна опрема, храна и останати неопходни работи ги носеа самите, со ранци тешки по околу 20 килограми. Зад бројките стојат четири дена постојано движење, замор, промени на теренот и временските услови, но и силна меѓусебна доверба, дисциплина и љубов кон планината. Темпото беше особено интензивно уште од самиот почеток – во првите два дена Благица и Ема искачија по 11 врвови дневно“ – се вели во соопштението.

Авантурата на двете девојки започнала на Љуботен, а завршила на Рудока.

-Сите болки и тешкотии ги забораваш кога пред себе ќе ги видиш убавините на нашата Шара, изгрејсонцата и зајдисонцата и сета убавина на нашата Македонија. Овој подвиг уште еднаш ни покажа дека секоја цел е остварлива кога имаш јасна визија, одлучност, упорност, дисциплина и љубов кон она што го правиш, истакна Благица.

За Ема, подвигот е потсетување дека големите цели се остваруваат чекор по чекор.

-Имаше замор и тешки делници, но секој следен врв ни даваше нова сила. Кога имаш јасна цел и човек покрај себе на кого му веруваш, можеш да стигнеш многу подалеку отколку што си замислувал, додаде таа.

Инаку, Благица и Ема се членки на планинарското друштво „I Love Hiking“ и со години градат искуство, физичка подготвеност и почит кон планината. Нивниот последен подвиг е силна порака за истрајноста, женската храброст и значењето на заедништвото.

35-те освоени врвови симболично ги поврзаа 35-те години македонска независност со слободата што се чувствува на планинските височини, истакнуваат тие. Без голема придружба и без олеснувања, двете високогорки покажаа дека најсилните приказни понекогаш ги создаваат само двајца луѓе, една заедничка цел и решеноста да продолжат и кога патеката станува најтешка.