Божиновска: Ветерниот парк во Штип е дел од големата енергетска трансформација
Енергетската независност на Македонија се гради постепено, преку нови производствени капацитети, одговорни инвестиции, знаење и институции со јасна развојна насока, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Таа истакна дека Ветерниот парк Штип има значење кое ги надминува рамките на еден поединечен проект, бидејќи ваквите инвестиции се дел од пошироката стратегија за зголемување на енергетската сигурност на земјата.
„Енергетската независност се гради чекор по чекор“, порача Божиновска, посочувајќи дека новите енергетски капацитети можат да придонесат за поголема сигурност во снабдувањето, посилна економија и намалување на изложеноста на надворешни енергетски кризи.
Министерката нагласи дека Министерството има обврска да биде двигател на развојот, но истовремено и да го штити јавниот интерес.
Според неа, за сериозните инвеститори треба да постојат јасни правила, професионален однос и ефикасни постапки, но паралелно со тоа мора да се обезбедат транспарентност, високи стандарди, заштита на животната средина и почитување на локалните заедници.
Божиновска посочува дека целта е природниот потенцијал на Македонија да се претвори во производствена сила, инвестициите во конкретен економски развој, а развојот во подобар животен стандард за граѓаните.
„Сакаме Македонија да биде земја во која природниот потенцијал станува производствена сила, инвестициите стануваат развој, а развојот – подобар живот за граѓаните“, порача министерката.
