Николоски: На денот на независноста, по 56 години охридскиот аеродром доби нов лик

Македонија

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ доби нов и модерен лик, со што станува еден од симболите на охридскиот регион, порача вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, по повод Денот на независноста.

Николоски посочи дека за само две години е реализирана реконструкција на аеродромот, прва по 56 години, со која, како што вели, се создаваат услови за привлекување на поголем број туристи и нови авиокомпании.

„За само две години успеавме аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ во Охрид да добие нов современ лик, олицетворение на Охридскиот регион“, истакна Николоски.

Според него, резултатите веќе се видливи преку зголемениот број патници. Од почетокот на годинава до денес, преку охридскиот аеродром поминале повеќе од 240 илјади патници, бројка која, како што нагласи, е над очекувањата.

Паралелно со реконструкцијата на аеродромот, се реализираат и инфраструктурни активности за подобрување на пристапот до објектот, со цел патувањето до и од аеродромот да биде полесно и побрзо.

Николоски нагласи дека инфраструктурните инвестиции треба да придонесат за заокружување на целината во развојот на охридскиот регион.

„Честит Ден на независноста! Ја градиме Македонија!“, порача вицепремиерот Николоски.