Истражувачи ќе бројат колку мечки има во Македонија, започна првиот национален генетски мониторинг

Дали Знаете, Македонија

Македонското еколошко друштво (МЕД) и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) започнаа генетски мониторинг на кафеавата мечка, кој за првпат во земјава ќе се спроведува на национално ниво.

Истражувањето, со кое треба да се утврди бројноста, распространетоста и генетската разновидност на овој строго заштитен вид, е дел од петгодишниот меѓународен проект „Зачувување на популацијата на кафеава мечка во Динарско-пиндскиот масив“.

Генетското пребројување ќе ја опфати целата динарско-пиндска популација на кафеавата мечка, која се протега од Алпите до Егејското Море. Станува збор за најголемата популација на кафеава мечка во Европа, со околу 4.000 единки.

Во Македонија истражувањето ќе се спроведува во западните делови на земјата, од Скопска Црна Гора и Шар Планина на север до Пелистер, Ниџе и Кожуф на југ. Целта е до крајот на 2026 година да се соберат 900 генетски примероци.

„Генетскиот мониторинг претставува неинвазивно собирање генетски примероци од материјал што животните го оставаат во околината. Во случајот со мечката, ќе собираме примероци од измет од кои потоа ќе го читаме генотипот на секоја единка како своевиден генетски ‘отпечаток од прст‘. Така, секогаш кога подоцна ќе најдеме измет од истото животно, ќе знаеме дека му припаѓа нему, па може да го препознаеме дури и откако ќе угине“, објаснува Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД.

Истражувањето има за цел да покаже и каде е распространета кафеавата мечка и колкава е нејзината генетска разновидност, а податоците ќе помогнат во изработката на сеопфатна стратегија за нејзино зачувување. Тоа е и главната цел на проектот, кој е кофинансиран преку Програмата Лајф на Европската Унија и во кој учествуваат 21 партнер од девет европски земји.

„Како надлежен државен орган за заштита и за зачувување на биолошката разновидност, Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено во мисијата да ја заштити и соодветно да управува со популацијата на кафеавата мечка. Долгорочната заштита на видот и неговите живеалишта бара и координација со релевантните институции и со засегнати страни, поради што на самиот почеток на септември одржавме состанок со претставници на релевантните национални институции, каде што ги претставивме методологијата, планираните активности и временската рамка, како и начинот на спроведување на генетскиот мониторинг во следниот период. Токму тој ќе ни даде основа за натамошното планирање и за спроведување конзерваторски мерки при управувањето со популацијата на овој животински вид“, велат од Министерството.

Проектот ќе се фокусира на намалување на конфликтите меѓу луѓето и мечките и на заштита на нивните живеалишта, чие уништување е една од најголемите закани за нивниот опстанок.