Колку ќе растат пензиите во Македонија? И додека пензионерите чекаат пари, од Европа тажна вест

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Пензионерите во Македонија одбројуваат уште неколку дена до конечната пресметка за септемвриското усогласување на пензиите.

По периодот на линеарни покачувања, новата исплата што треба да легне на нивните сметки на 1 октомври повторно се враќа на законската процентуална методологија.

Според најавите од Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, последните статистички параметри за августовската инфлација и растот на платите ќе бидат комплетирани на почетокот на следната недела, по што ќе се знае точниот износ.

Првичните проценки укажуваат дека септемвриските пензии ќе пораснат меѓу 3 и 3,5 проценти.

Што значи процентуалното покачување во денари?
За разлика од претходното линеарно зголемување (со кое сите пензионери добиваа ист фиксен износ), овој пат повисоките пензии ќе добијат поголемо номинално покачување, додека кај пониските пензии зголемувањето во денари ќе биде помало.

Ако конечниот процент за усогласување биде 3%, еве како тоа ќе се одрази на месечните примања:

Според новите пресметки за усогласување на пензиите од 3%, зголемувањето ќе изнесува 600 денари за пензија од 20.000 денари, 750 денари за пензија од 25.000 денари, 900 денари за пензија од 30.000 денари, 1.200 денари за пензија од 40.000 денари, додека оние со пензија од 50.000 денари ќе добијат покачување од 1.500 денари.

Законска формула и реакции за транспарентноста
Според Член 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, пензиите се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. Формулата се заснова на 50% од растот на трошоците на животот (инфлацијата) и 50% од растот на просечно исплатената нето-плата во изминатото полугодие.

Сепак, универзитетската професорка и експерт за пензиски системи, Јадранка Мршиќ, предупредува дека во целиот процес недостига поголема транспарентност.

Според неа, ваквите најави создаваат погрешен впечаток дека процентот е предмет на политичка волја или социјална помош, иако станува збор за строго утврден законски механизам.

– „Усогласувањето не е подарок или социјална помош. Во систем на автоматско законско усогласување, сите статистички податоци мора навремено и официјално да се објавуваат, без политички нагаѓања или дискреција“, истакнува Мршиќ

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку соопштение истакнаа дека економските параметри јасно покажуваат дека во изминатите 23 месеци просечната старосна пензија пораснала од 22.850 на над 29.700 денари, што претставува просечен раст од околу 300 денари месечно.

Додека кај нас се чека за процентот: Во Европа се поместуваат старосните граници!
Додека македонските пензионери го очекуваат новиот прилив на сметките, податоците за европските пензиски системи покажуваат сè поригорозни услови за заминување во заслужена пензија. Сè подолгиот животен век и демографските промени принудуваат голем дел од европските земји значително да ја зголемат старосната граница.