Дали поранешен советник на Заев е вмешан во афера во Косово за соработка со српски тајни служби?!

Македонија, Хроника

Името на Виктор Петрушевски, поранешен советник на експремиерот Зоран Заев за локална самоуправа, се појавува во обвинителните материјали во Косово против политичкиот аналитичар Фатмир Шехоли, кој е обвинет за шпионажа и уцена. Петрушевски ги отфрла наводите за каква било негова поврзаност со разузнавачки структури.

Специјалното обвинителство на Косово на 25 август поднесе обвинение против Шехоли, тврдејќи дека бил регрутиран од српската Безбедносно-информативна агенција – БИА и дека собирал и пренесувал информации за политичките активности, безбедносната состојба и функционирањето на институциите во Косово.

Според делови од обвинението што ги објавија косовските медиуми, на 20 и 21 декември 2024 година Шехоли комуницирал преку WhatsApp со Петрушевски, при што се разговарало за организирање средба со Бојан Димиќ, кого косовските истражители го идентификуваат како службеник на БИА.

Обвинителството наведува дека средбата била реализирана на 25 декември. Според објавените комуникации, Шехоли му испратил на Петрушевски телефонски број за кој истражителите утврдиле дека го користел Димиќ.

Во предметот се споменува и контакт зачуван како „Виктор Македонија“. Според обвинението, Шехоли на 5 август 2025 година на овој контакт испратил документ означен како „Top Secret 2“. Косовските медиуми го поврзуваат контактот со Петрушевски поради совпаѓањето на името и другите комуникации наведени во предметот, но во јавно објавените информации нема судска одлука со која е утврдено дека Петрушевски бил дел од разузнавачка мрежа.

Петрушевски за ТВ Алсат ги отфрлил наводите дека знаел за евентуална поврзаност на Шехоли со српските безбедносни служби.

„Со Фатмир се запознав пред 2-3 години на една средба каде што беше и тој. Ми се претстави тогаш како директор на еден институт. По извесен период почнавме да комуницираме за политичките и економските случувања во регионот“, изјавил Петрушевски.

Тој вели дека Шехоли подоцна се интересирал за неговата деловна активност и му кажал дека има контакти во Србија преку кои може да му помогне во бизнисот.

„Ми испрати контакт-број од лице од Србија. Кога дознав за кого станува збор и дека истиот нема врска со овој бизнис, решив никогаш да не контактирам“, тврди Петрушевски.

Според него, имал и кратка средба со други лица препорачани од Шехоли, но комуникацијата не продолжила.

Според Специјалното обвинителство на Косово, Шехоли до неговото апсење во октомври 2025 година наводно дејствувал по задачи на службеници на БИА и собирал информации и документи од интерес за српската разузнавачка служба.

Покрај шпионажа, тој е обвинет и за уцена на лице од Косово, од кое, според обвинението, барал повеќе од 13.000 евра.

Предметот е пред Основниот суд во Приштина, а првото рочиште е закажано за 7 септември.

Виктор Петрушевски во јануари 2021 година беше назначен за советник на тогашниот премиер Зоран Заев за локална самоуправа. Во косовските медиумски извештаи за актуелниот предмет се опишува како бизнисмен од Северна Македонија.