Нова екипа, нова надеж: ГФК Победа ќе се натпреварува во Третата лига
Прилеп добива нов фудбалски клуб – Градскиот фудбалски клуб, односно ГФК Победа, кој од новата сезона ќе се натпреварува во Третата фудбалска лига.
Основач на новиот клуб е здружението „Градски фудбалски клуб – ГФК Победа Прилеп“. Основачи на здружението се Робертино Илиоски, кој е негов претседател, како и Игор Стеванов, Роберт Талески, Валентин Колевски и Иванчо Младеноски.
Шеф на стручниот штаб ќе биде поранешниот фудбалер на Победа, Филип Мирчески, додека за регрутацијата и формирањето на младинските категории, односно пионерската и кадетската екипа, ќе биде задолжен поранешниот фудбалер Тони Наумоски.
Клубот во почетокот ќе функционира преку донации и спонзорства, а од ГФК Победа се надеваат дека во иднина ќе добијат и поголема поддршка од Општина Прилеп.
Подготовките и тренинзите засега ќе се одржуваат на стадионот со вештачка трева кај типските куќи. Првиот официјален тренинг е закажан за вечерва во 20 часот.
Домашните натпревари, пак, ГФК Победа ќе ги игра на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Првиот натпревар на прилепскиот стадион новиот клуб ќе го одигра на 13 септември.
Со формирањето на ГФК Победа, прилепскиот фудбал добива уште еден клуб кој има амбиција да работи и на развојот на младинскиот фудбал и создавање нови генерации прилепски фудбалери.
