Николоски: Македонија добива нови авионски линии и подобра поврзаност со Европа
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека македонскиот авиосообраќај бележи значителен раст, истакнувајќи дека компанијата „Визер“ го поставува својот седми авион во базата на Меѓународниот аеродром Скопје.
Според Николоски, ова претставува големо достигнување во развојот на авиосообраќајот во земјава и уште една потврда за позитивните трендови во овој сектор.

Тој нагласи дека во првите шест месеци од годината двата македонски аеродроми – Скопје и Охрид – заедно опслужиле повеќе од два милиони патници, што, како што посочи, е јасен показател за континуираниот раст на воздушниот сообраќај.

„Воведувањето на седмиот авион во базата на „Визер“ во Скопје е огромно достигнување во развојот на авиосообраќајот во Македонија. Веќе имаме над два милиони патници во првите шест месеци на двата аеродроми, Охрид и Скопје, што јасно го покажува растот“, објави Николоски.
Тој додаде дека со проширувањето на базата ќе се овозможат повеќе нови дестинации и авионски линии, што ќе придонесе за подобра поврзаност на Македонија со европските градови.

„Многу нови дестинации, многу нови авионски рути. Ќе продолжиме заедно да работиме и ќе продолжиме заедно да напредуваме. Ова е одлична приказна што заеднички ќе продолжиме да ја развиваме“, порача Николоски.
