Проданоски: Заедно создадовме уште едно успешно издание на најзначајниот прилепски фестивал
Заврши уште едно издание на Пиво фестивал – Прилеп 2026, манифестација која и годинава привлече голем број посетители од земјата и странство.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, оцени дека фестивалот ги исполнил поставените цели и понудил три денови исполнети со музика, забава и позитивна атмосфера.
„Нашата цел беше центарот на Прилеп повторно да биде место на дружење, добра музика, препознатливата прилепска скара и позитивна енергија, каде заедно ќе уживаат прилепчани и гостите од целата држава и од странство. Верувам дека во тоа успеавме“, порача Проданоски.
Тој упати благодарност до организаторите, изведувачите, јавните претпријатија, службите, институциите, компаниите, медиумите и сите кои придонесоа за успешната реализација на фестивалот.
Посебна благодарност, како што истакна градоначалникот, им се должи на посетителите кои со своето присуство, позитивна енергија и одговорно однесување придонесоа настанот да помине во најдобар ред.
„Заедно уште еднаш покажавме дека Прилеп е град кој знае успешно да организира големи настани и достоинствено да ги пречека своите гости“, истакна Проданоски.
