Вработен на Тетовскиот универзитет фалсификувал уплати од студенти – си го наполнил џебот со скоро 55.000 евра

Дали Знаете, Македонија, Хроника

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Тетово против вработен на Универзитетот во Тетово, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување исправи.

Според полицијата, пријавениот А.З. работел како административен службеник – виш соработник за логистика и теренско работење во периодот од март 2020 до февруари 2023 година. Во тој период, наместо паричните средства што студентите му ги доверувале во готовина за плаќање на партиципација, кофинансирање и други трошоци за студирање да ги уплати на сметката на Универзитетот преку системот „Е-pay“, тој земал за себе.

Така осомничениот си ставил во џеб 3.362.272 денари, односно го оштетил буџетот на Тетовскиот универзитет за скоро 55.000 евра.

„Со цел да го прикрие присвојувањето на паричните средства и трагите од стореното кривично дело, пријавениот изработувал фалсификувани потврди за наводно извршени уплати преку апликацијата Е-pay, кои им ги предавал на студентите како доказ за извршена уплата. За нивната изработка искористил податоци, вклучително и QR-код, од автентична потврда за извршена уплата преку Е-pay со банкарска картичка на неговата сестра, по што со измена на податоците за уплаќачот, износот и датумот на уплата ја преправал потврдата и така фалсификуваните потврди им ги доставувал на студентите. Студентите, верувајќи дека уплатата е извршена, ги прикачувале потврдите како прилог („attachment“) во електронскиот систем и истовремено ги доставувале до студентската служба како доказ за извршена уплата“, стои во соопштението на Финаниската полиција.