Нема да дозволиме Филипче да го исклучи светлото во СДСМ, вели ексфункционерот на партијата Игор Ивановски
„Венко Филипче е одличен хирург, да не кажам најдобриот, тоа не е мое да го судам нели, и тоа мислење го имам сè уште, тој секогаш сака да помогне, но јас и во изминатиот период и сега јавно, и тоа ќе биде прв и последен пат да говорам за него како претседател на СДСМ, тој во таа улога не може да се снајде. Дали е поради немање капацитет, дали е незнаење, што е легитимно, но можеби и несакање. Јас мислам дека е ова последното“, изјави Ивановски во вечерашното гостување во централниот „Дневник“ на телевизија Сител
Ивановски рече оти сè поочигледно станува дека потстои подземен договор помеѓу група и поединци во СДСМ и власта, за лични интереси.
Социјалдемократкскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и нејзиниот претседател Венко Филипче се две фундаментално различни работи. Ова вечерва во гостување во централниот „Дневник“ на телевизија Сител го кажа универзитетскиот професот и поранешен висок функционер на СДСМ, Игор Ивановски, кој во средата ја модерирал средбата на членови на СДСМ од различни генерации и граѓански активисти кои немаат партиски профили, под името „Разговори за иднината во 12:05“ на која, како што беше наведно во соопштението што го објавија по настанот, било закулечено дека на прогресивната демократска јавност во земјава ѝ е потребна суштинска и објективна дебата, која мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските лидери.
Настанот уште пред да се одржи предизвика остри реакции од Социјалдемократскиот сојуз од каде го оценија како нов проект на власта за ослабување и фрагментирање на опозициската партија, симболично нарекувајќи го „ЗНАМ 2.0“.
Објаснувајќи ги причините за средбата, која се одржа зад затворени врати во еден скопски хотел по принципот „Chatham house rules“ (затворен состанок се цел отворено и слободно да се дискутира за сензитивни или контроверзни теми), Ивановски рече дека била состојбата на политичката сцена во моментов, на која од една страна има, како што кажа, неоправдано силна власт, а од друга – опозиција која не може да го артикулира се позасиленото опозициско расположение во државата.
Присутните на состанокот, вели, се негови сличномисленици, со кои имале континуирана дебата и подготовка за она што се случува во државата и потребата што се налага да му се помогне на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
„Тоа е едно сценарио во коешто имаме неоправдано силна власт, владејачка коалиција, којашто има висок рејтинг, иако не испорачува резултати, ние имаме сиромашно кадровска влада што не генерира резултати, не ги исполнува очекувањата, еве на половина мандат е, нема ниту едно крупно прашање и ветување од нивна страна што е реализирано, и од друга страна, кога би очекувале дека сè ова е точно и тоа е мојот став како опозиционер, како социјалдемократ, би очекувале дека треба да имаме раст на опизициското расположение кое што е евидентно. Опозициското расположение во државата расне, но тоа не е поврзано со оние кои што во моментот се на политичкиот пазар, за жал, впрочем и СДСМ под водство на претседателот Венко Филипче. И јас веднаш на почетокот сакам да направам дистинкција од СДСМ и претседателот Венко Филипче, бидејќи тоа се фундаментално две различни работи“, рече Ивановски.
