Сиљановска-Давкова по средбата со Јотова: Јасно е дека уставните измени не се единствен услов
„Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. На обајцата ни стана јасно – не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам“, рече претседателката по средбата со својата бугарска колешка
Сиљановска-Давкова го споменала и нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, но за тоа немало интерес од другата страна.
Јасно е дека уставните измени не се единствениот услов за тргање на ветото и почеток на преговорите на земјава со Европската Унија, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по билатералната средба со својата бугарска колешка Илијана Јотова на маргините на Самитот на ПСЈИЕ.
Македонската делегација за време на средбата ги изложила своите позиции и видувања, особено потенцирајќи ја обврската на сите членки на Советот на Европа, кои се и членки на Европската Унија, да ги почитуваат пресудите на Судот во Стразбур. На средбата со својата бугарска колешка, Сиљановска-Давкова го споменала и нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, но за тоа немало интерес од другата страна, а разговорот бил насочен кон прашања со кои се соочуваат двете земји како соседи.
Претседателката, сепак, ја оцени средбата со Јотова како успешна, исто како и Самитот на ПСЈИЕ.
„Изразивме став дека треба почесто да се сретнуваме и да разговараме колку тоа понекогаш да изгледа дека нема да вроди со резултат доколку сте на сопствените позиции“, изјави претседателката.
