ВЛЕН: Урбаната мафија повеќе нема место во Тетово
Коалицијата ВЛЕН обвини дека ДУИ се спротивставува на развојот на Тетово и ја штити, како што велат, „урбаната мафија“ која со години управувала со јавните добра во градот.
Според ВЛЕН, со доаѓањето на Билал Касами на чело на Општина Тетово, бил воспоставен ред и законитост, а општината почнала да се трансформира и покрај наследениот долг од 24 милиони евра.
Од коалицијата посочуваат дека во времето на ДУИ биле узурпирани јавни површини и имоти, поради што, како што тврдат, со години не можело да се изгради градскиот стадион во Тетово. Тие додаваат дека денес стадионот конечно се гради, како и нови улици, булевари и две средни училишта.
Во соопштението се наведува дека актуелната локална власт работи и на подобрување на водоводната и канализациската инфраструктура, како и на изградба на спортски сали и базени, со цел Тетово да се претвори во „европски град“.
ВЛЕН ја обвини ДУИ дека има „носталгија“ за периодот кога, според нив, општината била задолжена и јавните имоти биле продавани на сомнителни бизнисмени. Од коалицијата велат дека граѓаните на локалните избори јасно ја поддржале промената и порачуваат дека „Тетово нема да запре“.
