Македонија добива европски прозорец, ама не и клуч од вратата
Иницијативата на пет земји членки на Европската Унија се претставува како шанса за побрза интеграција, но останува дилемата дали тоа е вистински пат кон ЕУ или само ново име за долгата чекалница.
Новата иницијатива на пет земји членки на Европската Унија отвора простор за поинаков пристап кон проширувањето со Западен Балкан: постепено вклучување во делови од европскиот систем уште пред полноправното членство.
Предлогот, зад кој стојат Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија, не ја менува формалната рамка на проширувањето. Земјите кандидати и натаму би морале да ги исполнуваат условите, да се усогласуваат со европското законодавство и да напредуваат низ преговарачкиот процес. Но, суштинската разлика е во тоа што дел од придобивките би можеле да доаѓаат порано – по сектори, по области, по степен на подготвеност.
Според доверливиот документ што го пренесе Еурактив, идејата е постепената интеграција да не биде исклучок, туку систематски пристап. Тоа значи дека земјите од Западен Балкан, доколку исполнат одредени услови, би можеле чекор по чекор да добиваат пристап до европски програми и делови од единствениот пазар.
Во документот се наведуваат области како транспортот, енергетиката, дигиталниот пазар и политиките за критични суровини.
Инструмент за забрзување
Политичкиот аналитичар Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“ за „Слободен печат“ вели дека предлогот за постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во Единствениот пазар на ЕУ може да биде сериозен поттик за реформи доколку создаде видливи придобивки уште пред формалното членство.
– Во последните години, во регионот се создаде чувство дека евроинтегративниот процес е политички бавен и често непредвидлив, па затоа секој модел што носи конкретни економски, инфраструктурни или институционални придобивки може повторно да ја врати довербата во европската перспектива. Но, истовремено, постои и реален ризик постепената интеграција да се претвори во трајна алтернатива наместо преодна фаза кон полноправно членство. Затоа е важно ваквите иницијативи да не се гледаат како замена за проширувањето, туку како инструмент за забрзување на усогласувањето и подготовката на земјите кандидати за идно членство. За ЕУ, овој пристап претставува начин да се продлабочи интеграцијата со регионот без веднаш да се отвораат сите институционални прашања поврзани со полноправното членство. За земјите од Западен Балкан, пак, најважно е постепената интеграција да остане јасно поврзана со кредибилна и мерит-базирана перспектива за членство – објаснува Стојковски.
