Коњановски: Битола добива современ Центар за бокс и спортски активности
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска изврши увид во изградбата на новиот Центар за спорт и спортски активности, капитален објект кој е во завршна фаза и треба да обезбеди современи услови за развој на спортот во градот.
Станува збор за еден од 16-те проекти финансирани од Владата на Македонија преку Министерството за спорт, со вкупна вредност од над 43 милиони денари.
Во моментов се довршува фасадата на објектот, додека во внатрешноста се работи на поставување и финализирање на подот. Објектот е на два ката, со површина од околу 930 метри квадратни и максимална висина од 7,2 метри.
Во приземјето се предвидени простории за физички активности, административен дел, техничка просторија, како и сала за тренинг со боксерски ринг и фитнес справи. Објектот располага и со машки и женски соблекувални со сопствени тоалети и бањи, како и тоалет за лица со посебни потреби.
На источната страна ќе функционира спортско-качувачки клуб со сала за тренинг и соблекувални, а салата за бокс и просторот каде ќе биде поставена карпа за болдеринг се проектирани како двовисински простории.
На горниот кат ќе има административен дел, чајна кујна, тоалети и галерија која ќе служи како гледалиште. Предвидено е и партерно уредување на околината со паркинг простор.
„Ова ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери. Битола има своја боксерска историја, а во сегашноста и свои шампиони, кои ќе добијат современи и модерни услови за нивните предизвици“, изјави Коњановски.
