Божиновска: Македонија станува важен регионален партнер во енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска порача дека енергетиката денес бара силни, функционални и одржливи партнерства што носат конкретни резултати, нагласувајќи дека регионалниот дијалог е неопходен за иднината на енергетскиот развој.
За време на средбите во Белград, Божиновска истакна дека Македонија сè појасно ја зацврстува својата улога како активен и релевантен партнер на регионалните и европските платформи каде што се креираат енергетските политики.
„Заедно со колегите министри од регионот, претставници на енергетската заедница и водечки експерти во областа на енергетиката, ја зацврстуваме регионалната соработка за постабилна и посигурна енергетска иднина за нашите граѓани“, посочи Божиновска.
Таа нагласи дека преку поврзување, координација и отворен дијалог се создаваат реални решенија и се дефинираат идните чекори за енергетскиот сектор.
Според Божиновска, само со заедничка визија и партнерство може да се обезбеди стабилна, модерна и конкурентна енергетска иднина за целиот регион.
