Џамбаски стравува: Германија не сака да нè земе во предвид за Македонија да стане дел од ЕУ

Македонија, Политика

Германија преку својот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, повикала на укинување на принципот на едногласност во ЕУ во областа на надворешната политика и принципот на „Безбедност“ и негова замена со гласање со мнозинство. Поради тоа има загриженост кај дел од бугарската јавност околу укинувањето на единството во одлуките

„Овој вид гласање категорично и драматично ќе ја промени ситуацијата. Категорично ќе ги наруши правата на земја како Бугарија во земји кои имаат поголемо население и поголема територија“, изјавил контроверзниот екс-европратеник и член на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски.

Џамбаски во изјава за бугарските медиуми дадл пример дека Германија има 90 претставници во Европскиот парламент, а Бугарија – 17. Со гласање со просто мнозинство, сè што Германија сака ќе се случи, рекол бугарскиот политичар, додавајќи „тие нема да нè земат предвид, а примерот е Северна Македонија“.

„Ако Германија не сака да нè земе предвид, за РСМ да стане дел од ЕУ, без да нè земе предвид нас и интересите на овие луѓе таму, ќе го добие тоа. Тогаш правата на нашите сонародници ќе бидат драстично и драматично прекршени“, кажал Џамбаски.

„Промената на принципот на едногласност категорично не е во наш интерес, мислам дека не треба да се дозволи“, додал поранешниот европратеник.

Тој посочил дека оваа идеја е во интерес на одредени земји, а тоа може да доведе до пропаст на Европската Унија. Според него, одлуката е поврзана со немоќта.

„Ова е неразумно. Во ова нема никаква човечка, економска или пазарна логика. Овие луѓе гледаат дека се откажуваат од кормилото на ЕУ и се обидуваат да ја преземат власта на заобиколен начин“, заклучил Џамбаски.

Вадефул оценил дека по политичките промени во Унгарија и поразот на Виктор Орбан на изборите од 12 април, се отвора „временски прозорец“ за реформи. Според него, Орбан со години ја блокирал работата на ЕУ, особено во одлуките поврзани со Русија и Украина.

Како пример беше посочена блокадата на заем од 90 милијарди евра за Украина, која Орбан ја стопираше непосредно пред изборниот пораз, предизвикувајќи реакции кај германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој потегот го нарече „акт на груба нелојалност“.