Бојкоски: Со новата мерка спортот станува достапен за сите деца

Македонија

Претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, информираше дека Комисијата за спорт донела едногласна одлука за субвенционирање на спортски клубови во кои членуваат деца од ранливи категории, со што се воведува нова мерка за поддршка на младите и развој на спортот во градот.

Одлуката е донесена согласно јавниот повик и предвидува Општина Битола целосно да ја покрива членарината за децата од ранливи категории кои се дел од спортски клубови. Со оваа мерка, како што посочува Бојкоски, се овозможува овие деца активно да учествуваат во спортот без финансиски оптоварувања за нивните семејства.

Целта на мерката е да се поттикне поголема вклученост на децата во спортските активности, да се обезбеди поддршка за семејствата на кои им е најпотребна, како и да се создадат еднакви можности за развој и стекнување здрави навики.

Од Општина Битола најавуваат дека ќе продолжат со конкретни политики и мерки насочени кон младите, со фокус на достапноста на спортот за сите деца, без разлика на нивниот социјален статус.