Лоши вести за Македонците со бугарски пасоши
Бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ-СДС ЕНП Андреј Ковачев неколку дена пред изборите во Бугарија ги изнесе своите очекувања за измени во Законот за бугарско државјанство, нагласувајќи потреба од „транспарентност, правичност и почит кон нашите сонародници надвор од татковината“.
Тој предложи воведување јавен регистар на лицата со бугарско државјанство, олеснување на процедурите за историските бугарски заедници во странство, воведување свечена церемонија при доделување државјанство, како и можност за одземање државјанство во случаи на декларирање лажни податоци и злоупотреби.
Ковачев ги отфрли тврдењата дека јавниот регистар е во спротивност со заштитата на личните податоци, повикувајќи се на ставови на Комисијата за заштита на личните податоци. Според него, „создавањето на таков регистар е дозволено според GDPR кога постои важен јавен интерес“ и може да се реализира со „јасна законска основа и соодветни мерки за заштита“.
Тој истакна дека и во моментов дел од податоците се јавно достапни преку избирачките списоци, вклучително и информации за лица со бугарско државјанство, но тие се „раздробени, неефикасни и без доволна транспарентност“.
Како пример, Ковачев наведе дека значителен дел од новите државјани, особено од Северна Македонија, се регистрирани во неколку општини во Бугарија, што може законски да се провери преку објавените избирачки списоци.
„Прашањето не е дали, туку како да има јасен, законски и транспарентен ред“, порача Ковачев, додавајќи дека е потребно решение што ќе обезбеди „транспарентност, контрола и почит кон нашите сонародници“.
