Овие вработени добија рекордно покачување на платите
Вработените во државната администрација, судовите и правосудните институции, како и дел од работниците во приватниот сектор, овој месец добија повисоки плати, информираат синдикатите.
Според Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), околу 11 илјади вработени веќе ги почувствувале зголемувањата по потпишувањето на 60 колективни договори со институции од јавниот сектор. Платите се зголемени за дополнителни 7 проценти, покрај редовното усогласување со законски утврдената минимална плата.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, посочува дека трендот на раст ќе продолжи и во наредниот период. Според него, административните службеници ќе добијат нови зголемувања од по 7 проценти и во 2027 и 2028 година, што би значело вкупен раст од над 40 проценти во следните неколку години.
Во меѓувреме, дел од вработените во приватниот сектор веќе добиле покачувања од 5 до 8 проценти, во зависност од колективните договори, а во поголемите компании минималната плата сè поретко е застапена.
Минималната плата во март беше зголемена за 1.667 денари и сега изнесува 26.046 денари. Универзитетскиот професор по трудово право, Лазар Јовевски, оценува дека реалното зголемување на платите годинава достигнува околу 14 проценти, додека во наредните две години вкупниот раст може да надмине 40 проценти.
