ПСК „Пелистер“ одбележа 90 години традиција, спорт и љубов кон планината
Со пригодна свеченост и во духот на Денот на планината, беше одбележан значајниот јубилеј – 90 години од формирањето на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“. На настанот, во знак на благодарност и признание за поддршката и соработката, беше врачена плакета на претставник на локалната заедница

Во обраќањето беше истакнато дека ПСК „Пелистер“ веќе девет децении претставува столб на планинарството во Битола и поширокиот регион, негувајќи ја љубовта кон планината, спортскиот дух и одговорниот однос кон природата. Клубот е препознатлив по својата традиција, заедништво и континуиран придонес во развојот на планинарските активности и заштитата на Пелистер.
Од страна на добитникот на плакетата беше изразена благодарност за признанието и беа упатени честитки до ПСК „Пелистер“ за големиот јубилеј, со желби за уште многу години успешна работа, нови планинарски патеки и генерации млади планинари кои ќе ја сакаат и чуваат планината.
Одбележувањето на 90-годишнината уште еднаш ја потврди важната улога на клубот во спортскиот и еколошкиот живот на Битола и регионот.
