Денес ќе се одржи протест во Скопје за поддршка на екс лидерите на ОВК на кои им се суди во Хаг

Uncategorized

Денеска во Скопје ќе се одржи протест во поддршка на поранешните лидери на ОВК, кои веќе речиси пет години се наоѓаат во притвор и им се суди пред Специјализираните совети во Хаг, објави 4NEWS.mk

Протестот е закажан за денес на плоштадот „Скендербег“, а го организираат здруженија произлезени од војната на Ослободителната војска на Косово.

По собирите во Приштина, Хаг, Тирана и Стразбур, Скопје е следната локација на која ќе се изрази незадоволство од, како што велат организаторите, „неправичниот процес“ против поранешните команданти.

Претседателот на Организацијата на ветерани на ОВК, Хисни Гуцати, изјави дека македонските власти дале дозвола за одржување на протестот и ја презеле одговорноста за безбедноста, додавајќи дека добил уверување оти нема да има пречки за учесниците кои ќе пристигнуваат од странство.

Тој иронично ја коментираше и одлуката на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски да формира кризен штаб за следење на настанот, оценувајќи дека тоа дополнително го зголемило интересот и мотивирало поголем број Албанци да учествуваат на протестот, објави 4NEWS.mk

Поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи, поранешните претседатели на Собранието Јакуп Красниќи и Кадри Весели, како и поранешниот пратеник Реџеп Селими, се во притвор во Хаг од 2020 година.

Тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово, обвиненија што сите четворица ги отфрлаат и за кои се изјаснија дека не се виновни.