
БОГОЈЕСКИ: Вранишковски да се одлучи – дали е српски или македонски владика!
По повод присуството на т.н. владика Зоран Вранишковски на прославата на Илинден на Мечкин Камен, користејќи возило со српски регистарски таблички, претседателот на Македонски Концепт, Петар Богојески, упати јавна реакција:
„Со сета почит кон слободата на верско и национално изјаснување, но и со одговорност кон нашиот национален и државен интегритет, би сакал да поставам едно едноставно прашање: дали г. Вранишковски се чувствува како македонски или српски владика?
Доаѓањето на Мечкин Камен, на денот кога го славиме Илинден и македонската борба за слобода, со возило со српски таблички, не е само симболика – тоа е директна порака. На ваков ден, од ова свето место, очекуваме достоинствено однесување што ја рефлектира лојалноста кон македонската држава и нејзините граѓани.
Секој кој претендира да има духовна улога во македонското општество треба јасно да ја покаже својата припадност и одговорност. Илинден не е место за промоција на туѓи интереси, ниту за мешање на црковните инсталации од туѓи цркви со политичко-државна амбивалентност.
Нека ова биде повик до сите – особено до црковните претставници – да покажат чувство за моментот, за просторот и за народот кој го претставуваат. Не бараме ништо повеќе од искрен однос кон Македонија и македонскиот народ.“ – изјавува Богојески.