
Градоначалникот Ѓорѓиевски во друштво со децата од специјалните училишта на прослава по повод крајот на учебната година
Во топла и емотивна атмосфера, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со својата сопруга и најблиските соработници, присуствуваше на забава организирана по повод крајот на учебната 2024/25 година за учениците од ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“, Здружението на родители на деца со церебрална парализа и ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ од Скопје.

Настанот се одржа во вила „Касијана“, која, како што истакна Ѓорѓиевски, несебично ги отвори своите врати за овие дечиња да можат да се забавуваат и дружат.
„Овие дечиња, секогаш мои најверни пријателчиња, сакаат само љубов и внимание и да знаат дека не се сами. И додека јас сум гостин на овој свет – никогаш нема да бидат сами“, порача градоначалникот.

Тој нагласи дека неговата борба продолжува во насока на обезбедување еднакви можности за сите деца и дека тие секогаш ќе можат да сметаат на него – како човек и како градоначалник.
„Во животот не е важно кој си, што си и колку имаш – туку делата кои ќе ги оставиш зад себе. Затоа, по делата нека нѐ паметат“, изјави Ѓорѓиевски, кој вечерта ја заврши со благодарност до сите присутни за прекрасната дружба и најави нови средби со своите „другарчиња“.