Ѓорѓиевски: Нов спортско-рекреативен центар во чест на Драган Крстев

Uncategorized

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва официјално го отвори новиот спортско-рекреативен центар во населбата 11 Октомври – Бараки, посветен на прерано починатиот Драган Крстев, верен член на навивачката група Комити. Новиот центар претставува мултифункционално зелено јадро, кое се надоврзува на претходно изградениот парк и на уште два постоечки во близина, со што оваа урбана заедница добива вкупно 20.000 квадратни метри нова парковска површина.

 

Во рамки на центарот е изградено и ново игралиште, поддржано од компанијата ВЛТ, за кое Ѓорѓиевски упати посебна благодарност. Игралиштето, симболично посветено на Крстев, ќе биде место за спорт, игра и заедништво, а неговото име ќе живее преку смеата и активностите на младите.

Дополнително, во непосредна близина е поставено и одбојкарско игралиште, со што се зголемуваат рекреативните можности за сите генерации. Ѓорѓиевски потсети и на другите проекти реализирани во оваа населба, како изградбата на 1450 метри фекална канализација и реконструкцијата на повеќе улици.

 

Отворањето беше одбележано со симболичен ревијален натпревар, во кој учествуваа комитите од Драчево и Кисела Вода. Ѓорѓиевски најави продолжување на ваквите проекти, кои, како што рече, ја дефинираат визијата на општината за развој, здрав живот и заедништво.