
Коњановски: Траен сообраќаен режим за поголема безбедност на „Булеварот 1 Мај“
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска изврши увид во спроведувањето на новиот траен режим на сообраќај на улицата „Булевар 1 Мај“, на потегот од „Ленски мост“ до Дрвеното мовче, со цел зголемување на безбедноста на пешаците и возачите.

Мерките се реализираат во соработка со Јавното претпријатие „Паркинзи“ и одделението за комунални дејности при Општина Битола. На терен, покрај Коњановски, присуствуваа и советникот Бојан Бојкоски, како и директорот на „Паркинзи“, Зоран Михајловски.
Со поставување на заштитни столбчиња и обележување на коловозот, се создаваат јасни и безбедни зони за движење, а паркирањето на улицата е целосно забрането. Целта е да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот и да се спречат инциденти, особено во фреквентни делови на градот.

„Овие мерки се дел од нашата заложба за модерен, уреден и безбеден сообраќај во Битола. Очекуваме значително растеретување на сообраќајот и подобрени услови за движење на сите граѓани“, изјави Коњановски.