
Македонскиот фудбал добива ВАР систем од следната година, најави Омерагиќ
Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Масар Омерагиќ преку отворен телефонски разговор гостуваше во „Топ тема“ на Телма.
„Ние за четири месеци од денот на стапување на мојата функција како претседател, тоа што го ветив мислам дека сме во завршна фаза и ВАР-от ќе биде спроведен до почетокот на новото првенство. Тоа што е ветено мора да биде исполнето и се’ се може кога се сака, само потребно е да се има желба и енергија за сето тоа да се направи.“ – обелодени претседателот на ФФМ. Тој дополни дека станува збор за крупна инвестиција од нешто над милион и двеста илјади евра од страна на ФФМ.
Покрај најавата за ВАР системот, претседателот Омерагиќ зборуваше за сите шпекулации и предизвици во македонскиот фудбал, скорешното финале од Купот на Македонија и ситуацијата со Воска и Гостивар.