Коњановски: Битола е град на мултикултурата, соживотот и отвореноста

Uncategorized

Со силна порака за единство и културна разноликост, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска го отвори централниот настан по повод Светскиот ден на културната различност за дијалог и развој. Пред Народниот театар, во присуство на бројни граѓани и претставници на различни етнички и културни заедници, Коњановски истакна дека Битола отсекогаш била пример за соживот и меѓукултурен дијалог.

 

„Битола не е само град, таа е приказна за заедништво. Град низ кој минувале и останувале народи, кои заедно чекореле низ историјата и ја создале оваа уникатна културна матрица што денес ја славиме,“ рече Коњановски во своето обраќање.

Во рамките на програмата, настапија културно-уметнички друштва и здруженија кои ги претставија културите на Власите, Ромите, Албанците, Србите, Турците и Македонците. Градоначалникот упати благодарност до сите учесници, истакнувајќи дека ваквите манифестации треба да станат традиционални и да се прошируваат и надвор од Битола.

 

„Ова не е само настан, ова е платформа за градење мостови меѓу луѓето. Битола заслужува да биде домаќин на вакви иницијативи и на државно ниво,“ порача Коњановски.

Настанот беше посветен и на вредностите од Конвенцијата на УНЕСКО за културна разновидност, со акцент на уметничката слобода, одржливото културно управување и интеграцијата на културата во развојните стратегии.

Со јасна визија за иднината, Коњановски подвлече дека Битола ќе продолжи да ја негува и унапредува културната разновидност, како предуслов за поинклузивно, отворено и напредно општество.