Божиновска: Интеграцијата на енергетскиот пазар е клучна за поевтина и посигурна енергија

Uncategorized

На Вториот форум за интеграција на пазарот на електрична енергија, кој се одржа во Европскиот парламент, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја истакна посветеноста на Македонија кон приклучување кон заедничкиот европски пазар на електрична енергија – стратегиска цел со големо значење за економијата и енергетската стабилност на државата.

 

„Со новиот Закон за енергетика и формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, поставивме цврста основа за модерен, фер и чист енергетски систем,“ истакна Божиновска во своето обраќање.

Таа нагласи дека Македонија активно работи на пазарно поврзување преку SDAC (Single Day-Ahead Coupling), во соработка со МЕМО и МЕПСО, со цел прво поврзување со Грција до 2027 година.

 

Интеграцијата во европскиот пазар, според Божиновска, ќе донесе директни придобивки за граѓаните и економијата – поевтина и посигурна електрична енергија, зголемена конкурентност, како и поголема заштита за извозниците од ефектите на механизмот за јаглеродна корекција на границите (CBAM).

„Верувам во регионалната соработка и во поддршката од ЕУ. Но, пред сè – верувам во капацитетот на нашите институции да го водат овој процес,“ порача Божиновска, нагласувајќи дека енергетската интеграција е дел од пошироката визија за зелена транзиција и одржлив развој на земјата.