Божиновска: Во ЕСМ начекав минус 80 милиони евра работење, и струја зголемена за 400%

Македонија

Го оставивте енергетскиот сектор во очајна состојба, не изградивте ниту еден битен стратешки објект, ги задолживте граѓаните со милиони евра, порача Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница. Пратеникот на СДСМ Миле Талески упати прашање до Божиновска обвинувајќи дека министерството било направено за таа да биде министерка и дека ништо не работи. Божиновска одговори со конкретни бројки и информации за состојбата која ја затекнала и што сега се прави за да се стабилизираенергетскиот сектор.

„ Тоа што го коментирате за нешто што се случило во 2017 година – тогаш вие бевте на власт и имавте седум години нешто да реагирате за тоа. Во 2017 година, ЕСМ од тогашниот генерален директор беше оставен со 20 милиони евра профит, со направени ремонти, со направен тендер за механизација и денес после седум години начекав – минус 80 милиони евра работење на ЕСМ. Префрлени 379 милиони евра од граѓаните на ЕСМ. Тоа се пари на граѓаните со кои сте можеле да изградите некој објект. Разликата во работењето на вашите менаџери и сега ја гледаме и во зголемувањето на цената на струјата. Успеавте од 33 евра во 2017 година со вашите експерти, цената да достигне над 133 евра за мегават-час. 400% зголемување на цената, навистина одлично сте работеле. “ рече Божиновска, додавајќи дека во времето на СДСМ во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар.

Божиновска од собраниската говорница информираше и дека кампањата со која ги информираа граѓаните во сметките за струја дека владата дава субвенции, ги чинеше граѓаните огромни суми пари.

„Дополнително, се сеќаваме дека на сметките на граѓаните пишуваше“ вашата Владата е многу фина и ви субвенционира струја“, а за ова добивме и официјален допис на 8 август дека за вашиот прекрасен текст треба да платиме 3 милијарди 724 милиони денари. Значи државата и граѓаните се сега должни за вашите пораки.“, подвлече Божиновска.

Министерката се осврна и на изградбата на инфраструктурата, како интерконекторот со Албанија, кој претходната влада иако имала значителни средства за таа намена, тоа не го направила. И порача дека сега сериозно се работи на проекти и изградба на објекти кои нема да бидат сами ветувања како порано, туку навистина ќе бидат изградени и во функција на државата.