
57,5% од гласачите НЕ БИ ГЛАСАЛЕ за политичар кој е ВЕРСКИ РАЗЛИЧЕН од себе
Последното истражување е посветено на религијата и политиката.
Секој втор гласач на избори во Република Северна Македонија не би гласал за политичар кој е верски различен од себе, но секој трети гласач нема таков проблем. Граѓаните се против користењето на религија и религиозни симболи во политичка кампања. Ова се дел од генералните заклучоци од последното истражување на Институтот за политички истражувања – Скопје ИПИС и интернет порталот religija.mk, финансиски поддржано од Фондацијата “Конрад Аденауер-KAS“ во рамки на проектот „Република Северна Македонија како мултиконфесионално општество“, што во континуитет се спроведува со цел мерење на перцепицијата на граѓаните за влијанието на религијата во општеството.
Последното истражување насловено како „Улогата на религијата во Политичките кампањи“, покажа дека 57,5% од испитаниците на избори не би гласале за политичар кој е верски различен од себе, додека пак 33,3% немаат таков проблем. За потенцирање е дека овој став подеднакво го делат и муслиманите и христијаните.
Испитаниците во анкетата го оцениле Христијан Мицкосли, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како најрелигиозен политичар со вкупен 56% оценка за „многу религиозен и донекаде религиозен“. Димитар Апасиев, претседателот на Левица е перцепиран како политичар со најмала религиозност со вкупен процент на „многу и донекаде религиозен“ од 30,9%. Кога станува збор за овие прашања од истражувањето, интересно е да се потенцира дека религиозноста кај политичарите повеќе ја перцепираат испитаници од спротивната верска определба. Па така поголем е бројот на муслимани кои сметаат дека религиозноста е карактеририски на македонските политичари, исто и поголем број христијани сметаат дека религиозноста е карактеристика на албанските политичари. Процентот на муслимани кои веруваат дека албанските политичари се религиозни е помал, исто како што е помал и процентот на христијани кои веруваат во религиозноста на македонските политичари.
Релативно висок процент на испитаници кои сметаат дека религијата е употребена во кампањата за време на последните избори ја наметнува претпоставката дека политичките партии се уште сметаат дека може да привлечат гласови апелирајќи на религиозните чувства на граѓаните, иако споредено со изборите во 2017 (кога беше правено слично истражување) се забележува одредено намалување во перцепцијата на граѓаните околу користење на религија во политичките кампањи.
Средната оценка за користење на религијата во предизборните кампањи е највисока (2.86) кај политичката партија БЕСА, а најмала (1,95) кај политичката партија Левица.
Перцепцијата за сите партии е дека ја поддржуваат религијата, иако за Левица која има средна оцена од 2,62 и донекаде СДСМ со средна оцена од 2,42 може да се заклучи дека се повеќе перцепирани како партии кои имаат повеќе неутрален однос кон религијата.
Се забележува релативно голема дискрепанца меѓу православните и муслиманските испитаници и тренд кој кај православните значи намалување на перцепцијата на одобрување на праќање политички пораки од страна на верските лидери, додека кај муслиманите овој тренд е обратен и со тоа го зголемува јазот во перцепциите по однос на ова прашање.
Перцепцијата на повеќето граѓани е дека верските заедници имаат позитивна улога во општеството, што е особено видливо кај муслиманите, иако не е занемарлив бројот и на оние кои мислат дека тие прават повеќе штета отколку корист, при што процентот е релативно висок особено кај православните христијани.
Кај православните христијани степенот на позитивна перцепција во однос на придонесот на верските заедници во зближување на луѓето е скоро идентичен со степенот на негативна перцепција, за разлика од муслиманите каде повеќето сметаат дека верските заедници повеќе ги зближуваат отколку што ги раздвојуваат луѓето.
Резултатите од истражувањето побудуваат голем интерес за анализи и дополнителни истражувања, затоа што честопати можат да бидат спротиставени од едно до друго прашање. Тоа ги отвара дилемите и за автентичноста на убеденоста на граѓание во својата религиозност од една страна и автентичноста на своите ставови во поглед на јавното практикување на верата. Речиси сите досегашни истражувања покажуваат една интересна константа. Македонското мултиконфесионално општество е религиозно од аспект на декларативност на граѓаните во рамки на просек на најрелигиозни држави во светот. Но, од друга страна истото тоа општество во пракса е типично секуларно општество во кое истите граѓани, декларирани како религиозни верници, бараат дистанцирање на религијата и политиката и не поддржуваат религиско влијание во политичкиот дискурс и во политичкиот активизам.
Истражувањето е сороведено телефонски од 20 до 25 јули 2020 година на репрезентативен примерок од 1110 испитаници постари од 18 години. Маргиналната грешка е помеѓу +/-2.9% со 95% интервал на веродостојност.
(Религија.мк, Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), со финансиска поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер-КАС“, ги продолжуваат проектот за мерење на перцепцијата на граѓаните за религиски прашања во Македонија.)