Заев: На пратениците им треба одмор

Македонија, Политика

Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање одговори дека пратениците треба да одат на одмор летово, затоа што според него одморен човек е поефикасен.

„Социјалдемократ сум, правото на одмор е вистинско право, заради тоа што одморен човек и работник, па и пратеник, може да биде поефикасен. Можеби не мора цел август месец да биде одмор, обично после Илинден парламентот заминува на одмор, можеби помалку, но парламентот е над Владата, над мене како премиер и јас не би си дозволил да ги коментирам нивните одлуки, како ќе одлучат тие, ќе почитувам. Но, јас ќе користам десет дена годишен одмор“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање на отворање на нова спортска сала во скопската општина Ѓорче Петров.

Одговорот на премиерот доаѓа по предлогот на лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов пратениците и министрите во текот на јули и август, наместо на одмор, да одат на работа со цел периодот да се искористи за подготовка и носење на закони за непречена работа на компаниите. Исто така, Трајанов нагласи дека неопходни се реформи за имплементација на стандардите на Европската унија, подготовки за враќање на учениците и студентите на училиштата и факултетите.