Пендаровски нека одбере место и време за дебата, пак ќе го победам, порача Гордана Силјановска Давкова

Политика

Во рамките на кампањата за претседателските избори во Република Македонија, кандидатката Гордана Силјановска Давкова одржа митинг во Виница.

Таа го потсети претседателот Стево Пендаровски дека „секој претседател го завршува мандатот со еден детален Извештај со кој што ќе потврди што реализирал“.

Таа потоа му порача:

„А, што се однесува до дебатите за кои што вели дека бегале некои од големите партии, само да потсетам дека сите дебати со мене ги изгуби. Нека одбере место, нека одбере простор, нека одбере формат, каде сака, пак ќе го победам“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски претходно од Зрновци истакна дека дури и на СДСМ им е јасно дека победник на следните претседателски и парламентарни избори ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ  и коалицијата Твоја Македонија и Гордана Силјановска Давкова,

„Затоа ни е потребно ова обединување, затоа ни е потребна масовна излезеност. Сите заедно најпрво на 24 април да ја направиме Македонија горда, а потоа на 8 мај да ја направиме и горда и твоја со победа на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.