
Сојузниците на Путин ја исмеваат руската воена елита: „Треба да ги пуштите боси на фронт“
Повлекувањето на руските сили од стратешки важен град во источна Украина поттикна двајца моќни сојузници на претседателот на Русија Владимир Путин да направат нешто ретко во модерна Русија: јавно да ја исмеваат руската воена машинерија.
Загубата на Лиман ги допре нервите на Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија. Блискиот сојузник на Путин, Кадиров, сугерираше дека Русија треба да размисли за користење тактичко нуклеарно оружје во Украина како одговор на губењето на ова упориште.
Нуклеарното предупредување стана главна вест на насловните страници, но неговиот јавен презир кон водечките руски генерали можеби беше исто толку значајно во Русија, каде јавната критика за воените сили е табу тема.
„Непотизмот во армијата нема да доведе до ништо добро“, рече Кадиров, додавајќи дека на командантот на руските сили во областа треба да му се одземат одликувањата и да се испрати на првата линија со оружје за да се измие неговиот срам со крв.
Ваквиот јавен презир кон генералите кои ја предводат руската војна е значаен бидејќи укажува на нивото на фрустрација меѓу елитата на Путин поради начинот на водење на војната. Од друга страна пак, ваквите изјави се во спротивност со контролираниот наратив што Кремљ го пласира во јавноста.
Кадиров, кој ја поддржува војната и кој испрати многу од неговите чеченски единици во борба, рече дека неговата критика е горчливата вистина за руските борбени сили, кои, според него, дозволиле неталентирани медиокритети да ја разочараат земјата, пренесува Ројтерс.
По повеќе од седум месеци војна во која загинаа десетици илјади луѓе и која доведе до најголема конфронтација со Западот од Кубанската криза во 1962 година, дури и најосновните воени цели на Русија се сега далеку од реализација.
Масивната војска на поранешната суперсила е понижена на бојното поле од многу помалата украинска армија, на која САД и западните сили ѝ помагаат со оружје, разузнавачки информации и совети.
Путин сега тврди дека Русија е во егзистенцијална борба со Западот, кој го обвинува дека сака да ја уништи неговата земја. Рускиот лидер вели дека неговите сили ќе триумфираат во Украина и дека работите дури сега стануваат сериозни.
А на руската државна телевизија со вообичаена националистичка реторика се покажуваат знаци на понизност…
Навистина би сакал да го нападнеме Киев и да го зеземеме уште утре, но свесен сум дека за делумна мобилизација ќе биде потребно време. Некое време нема да ни биде лесно. Сега не треба да очекуваме добри вести“, изјави рускиот ТВ водител и еден од главните пропагандисти на Путин, Владимир Соловјов, на државната телевизија „Россија 1“.
Чеченскиот лидер рече дека пред две недели му ја посочил можноста за пораз во Лиман на Валери Герасимов, началникот на рускиот Генералштаб, но дека Герасимов ја отфрлил идејата.
Герасимов (67) е трет најмоќен човек во руската армија по Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Откако Шојгу доби министерска функција во 2012 година, Герасимов ја доби највисоката воена функција.
„Не знам што му известува Министерството за одбрана на врховниот командант (Путин), но според мое лично мислење треба да се преземат подрастични мерки“, рече Кадиров.
Евгениј Пригожин, моќниот основач на групата платеници Вагнер, ги коментираше изјавите на чеченскиот лидер и му честиташе на Кадиров.
„Сите овие гадови треба да бидат испратени боси на фронтот со автоматски пушки“, додаде тој.
На прашањето дали неговите зборови треба да се сметаат за критика упатена кон руското Министерство за одбрана, Пригожин иронично одговори: „Не дај Боже“.
„Овие изјави не се критика, туку се само израз на љубов и поддршка“, рече Пригожин, за кого САД велат дека ја предводи платеничката армија која учествувала во конфликтите во Мали, Централноафриканската Република, Либија и Сирија.
„Јас, а уште повеќе Кадиров, сме најкултурни луѓе“, додаде тој.
View this post on Instagram
Покрај тоа, руската новинска агенција РИА Новости пренесува дека чеченскиот лидер Рамзан Кадиров рекол дека неговите три малолетни синови ќе одат да се борат во Украина.
Самиот Кадиров објави на Телеграм:
„Малолетноста не треба да пречи во обуката на бранителите на нашата татковина. Ахмат, Ели и Адам имаат 16, 15 и 14 години. Но, нивната воена обука започна многу одамна, речиси од мали нозе. И не се шегувам. Дојде време да се докажат во вистинска борба, а јас ја поддржувам нивната желба. Наскоро ќе бидат на првата борбена линија“.