
Дали е стабилно владиното мнозинство по незадоволствата во ДУИ?
Вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 гостува пратеничката на Либерално демократската партија, Моника Зајкова со која дебатиравме за тоа дали е стабилно владиното мнозинство со оглед на незадоволствата во ДУИ.
Таа потврди дека владиното мнозинство е стабилно.
„Внатре во партиите секогаш може да постојат одредени превирања и несогласувања, но тоа не смее да се отслика на државната политика“, вели Зајкова.
Зајкова откри зошто ЛДП го предложи Пенов за нов министер за локална самоуправа.
Ристо Пенов никогаш не се оддалечил од Либералдемократската партија и секогаш бил тука во рамките на својата советодавна улога, но и како претседател кој што одбележил добри резултати во текот на неговото претседателство со партијата, изјави потпретседателката и пратеничка од ЛДП, Моника Зајкова, откривајќи зошто поранешниот градоначалник на Скопје е предложен да биде министер за локална самоуправа.
Според неа, една од причините зошто да се предложи токму Пенов е бидејќи „како човек што имал успешни проекти додека го водел градот Скопје“.
-Сметаме дека може да го преземе кормилото на Министерството за локална самоуправа, но и тоа и дава една нова димензија на партијата во делот на тоа што ние го викаме обединување, да малку ги сплотиме луѓето на едно место и да настапиме со поинаков концепт, рече Зајкова во емисијата „Клик плус“.