
СРБИЈА е пред војна, тврди Дачиќ
Претседателот на СПС и поранешен министер и парламентарен спикер, Ивица Дачиќ, изјави дека ѝ дава целосна поддршка на делегацијата на Србија предводена од претседателот Александар Вучиќ, која, како што рече, „успешно и цврсто се бори за мир и за заштита на српските државни и национални интереси во Брисел“, а воедно повика на единство на сите политички субјекти.
Дачиќ рече дека уште еднаш се потврдило оти причина за сите проблеми е однесувањето и политиката на Приштина, која одбива каков било компромис и договор и која, како што наведува, со своите еднострани потези сериозно го загрозува мирот на Косово, но и во целиот регион.
„Истовремено, ги предупредувам сите политички субјекти во нашата земја дека очајно ни е потребна политичка стабилност и единство во овие тешки моменти кога на нашата земја и народ им се заканува војна и дека секоја политичка злоупотреба на различни теми во овие моменти, како на пр. Европрајд, Понос, разни протести и блокади, ширење на разни лажни вести за поскапувања и економска нестабилност, им штетат на интересите на нашата земја и народ“, вели Дачиќ.
Тој повтори дека во негово име и во името на Социјалистичката партија на Србија му дава целосна поддршка на претседателот Вучиќ во овие денови кога, како што рече, „се носат одлуки за виталните интереси на Србија, но и за српскиот народ во Косово.