БОГОЈЕСКИ: Доаѓаат подобри времиња, што се 30 години?

Изјави

Македонија западна во тешка економска и политичка криза, со инфлација од околу 15%, што е втора по висина во Европа, после Бугарија која има инфлација од 16,9%.

Богојески на неговата официјална фан страна на Фејзбук објави низа оптимистички изјави во врска со ситуацијата, најавувајќи подобри времиња за нашите граѓани.

„Доаѓаат подобри времиња, што се 30 години државност?“ – напиша тој.

„Ако направиме компаративна анализа со почетоците на Америка или Англија, како држави, во нивните први 30 или 50 години тие направиле многу помалку од нас во Македонија.

Секој порој не поплавува и имаме фекалии по улиците, немаме одвоени атмосверска од фекална канализација, море немаме никаква канализација. Во ред, знаеме дека е така, но во Англија неколку векови фекалиите им течеа по отворени каналчиња по средината на улиците на Лондон и другите градови. Па на крај направија како треба.

Живееме во бедни услови, каде граѓаните немаат основна економска слобода. Во ред, знаеме тоа, но до пред 70 години во САД имаше ропство врз нивните граѓани, па се средија и сега имаат полна економска слобода.

До пред 60 години во Белгија, во Брисел – срцето на Европа, во Зоолошката градина имаше црни луѓе кои ги третираат како вид на мајмуни, животни, со кои се сликаа и ги разгледуваа како такви.

Ние во истиот тој период бевме поцивилизирани и немавме човечко ропство, барем не во тој облик.

Немаме работа за младите, тие се иселуваа, останавме без народ, тоа е така и тоа е голема болка. Но ако се вратиме само малку наназад, половина Англија, Ирска, Холандија, Данска, Шкотска, Германија се иселија во Америка, поради длабоката депресија и финансиска криза.

Да не говорам за длабоката депресија во САД, каде дневно остануваа без работа милиони работници, буквално остануваа без храна, пред само 50 години.

Сега Македонија е во иста таква депресија, системот е целосно девастиран, но тоа не е причина да се откажеме и да кажеме еве поминаа 30 години, се виде дека не можеме. Тоа се глупости, баш напротив, во овие 30 години се виде дека можеме!

Како што Европа и САД излегоа од големата депресија, така ќе излеземе и ние. Решението го знаеме, тие го применија, а тоа се вика домаќинско работење. Тоа е тој фискален конзервативизам на големите Реган и Тачер, кој ќе го примениме и ние во Македонија преку нашиот Македонски Концепт и ќе излеземе од оваа криза многу брзо.

Она што тие го направија за нивните земји, ние ќе го направиме за нашата Македонија. И брзо ќе дојдат подобри времиња. За сите нас, за секој еден граѓанин, без разлика на социјален или етно статус. Македонија може да успее за сите нас. А ние можеме и знаеме како тоа да го постигнеме“ – изјавува Богојески.